Претседателот на Словенија, Борут Пахор, рече дека проширувањето на земјите од Западен Балкан не е приоритет на Европската унија во моментов.
Пахор го рече ова додека учествуваше на To be secure (2BS) форумот во Подгорица, додавајќи дека е разочаран што политиката за проширување во моментов не е високо на агендата на Унијата.
„Сите земји-кандидати за членство во Европската унија (ЕУ) треба да ги исполнат своите задачи, но Брисел треба да има и поконструктивен пристап кон земјите од Западен Балкан“, оцени Пахор, пренесува „Вијести“ од Подгорица.
„Навистина жалам што Брисел во моментов е оптоварен со други проблеми, почнувајќи од здравствената криза, преку Брегзит и други проблеми, така што проширувањето на Унијата со членството на земјите од Западен Балкан не е нејзин приоритет“, истакна Пахор.
Тој смета дека Брисел би донел мудра одлука доколку веднаш ги унапреди преговорите со земјите кандидати во оваа област.
„Се разбира, сите земји-кандидати треба да ја завршат својата работа, има многу задачи на агендата што мора да бидат исполнети, но Брисел треба да има и поконструктивен пристап“, рече Пахор.
Тој изјави дека она што се случило со Северна Македонија е обесхрабрувачко за земјите од Западен Балкан.
„Таа земја исполни се што и беше побарано, тие направија се што требаше да се направи, а ЕУ ја запре“, рече Пахор.
Додаде дека ова е голема грешка што тешко ќе се исправи.
„Моја задача е да ги потсетам моите колеги дека ова прашање не смее да се игнорира“, рече Пахор, додавајќи дека би било добро ЕУ да ги гледа овие земји како еден блок и така да ги прими во заедницата.