Во ова време мора да се трудиме да останеме присебни и разумни, внимателни и рационални. Да најдеме начин како ментално да излеземе здрави од оваа состојба бидејќи освен пандемија на коронавирус, имаме и пандемија на ментални болести како последица од целиов стрес и страв кој луѓето го чувствуваат, вели познатата пејачка и хуманист, Кристина Арнаудова во интервјуто за „Стандард“.
На прашањето што и недостасува на македонската сцена, Кристина вели дека фалат музички емисии и соработка помеѓу колегите.
-Недостасува медиуми кои емитуваат музика. Исто така недостасува меѓусебно почитување, соработки меѓу артистите, огромни суети и ега без никаква основа, недостасува меѓусебна љубов…. И затоа не ни тргнува, вели Арнаудова.
Во однос на својата хуманитарна работа вели дека е многу позначајна и попотребна во ова време отколку музиката, која реално, едвај постои во Македонија.
– Проект „Среќа“ или „топол дом за сите“, е проект каде се собираат донации и средства. Реновираме 15 куќи низ земјава каде живеат семејства со деца, во многу тешки услови. Почнавме со работа во февруари, но кога ја завршивме првата куќа беше прогласена епидемија на Ковид-19 и принудно сопревме. Периодов работев на изнаоѓање начини да им се помогне на луѓето кои се најпогодени, кои останаа без храна, немаа како да платат кирии, останаа без дрва, без струја и тоа ни беа секојдневни активности во „Проект Среќа“, вели Кристина.