Вакцината против Ковид-19, што ја изработи американската компанија „Фајзер“ заедно со германскиот партнер „Бајонтек“, од денес ќе започне да се доставува во САД, пишува „Guardian“. Според американските медиуми, меѓу првите кои ќе се вакцинираат денес ќе бидат припадници на вооружените сили на САД, кои во голем број доброволно се согласија да бидат вакцинирани.
Според армискиот генерал Густав Пернам, кој е главен организатор на вакцинацијата, дозите на вакцини од фирмата Фајзер / Бајонтек, кои беа одобрени од американската регулаторна агенција во петокот, ќе бидат распределени на 145 локации. Останатите 635 локации за испорака, додаде Пернам, кои беа избрани од американските сојузни држави, ќе ги добијат своите дози утре и среда. Според клиничките испитувања, вакцината е 95% ефикасна во спречување на Ковид-19.
Сепак, постапката за итна вакцинација, која беше одобрена во петокот за постари од 16 години, предизвика страв кај јавноста дека целата постапка е спроведена на штета на безбедноста.
„Работевме брзо затоа што ситуацијата предизвикана од пандемијата го налага тоа, а не поради каков било надворешен притисок“, ја увери јавноста Стивен Хак, комесарот на американската администрација за храна и лекови. Ова е прва одобрена вакцина во Соединетите Држави, каде 295.000 луѓе починаа како резултат на вирусот. Првите 2,9 милиони дози се очекува да излезат од фабриките на „Фајзер“ во наредните денови.
Според планот, во првиот бран на вакцинација во декември, приоритет ќе имаат здравствените работници и постарите граѓани, а во јануари и другите категории граѓани ќе можат да аплицираат за вакцинација. Американските власти уверуваат дека вакцината ќе биде широко достапна до април.
Федералната агенција за воздухопловство на САД за време на викендот објави дека ја одобрила вакцината „Фајзер“ за вакцинирање на пилотите и контролорите на летање. Регулаторната агенција наведува дека „пилотите и контролорите на летови не смеат да летаат или да работат 48 часа по вакцинирањето“, пишува „Њујорк Тајмс“.