Веројатно ќе беше разочарување само за членството и за симпатизерите нивото на кое е паднато Здружението што се претставува како политичка партија, ама фактот што таа групација претендира да е вистинска политичка алтернатива го прави нивното гротескно дејствување дебакл. Дебакл и за општеството и за целата демократија, напиша на својот Фејсбук, вицепремиерот Никола Димитров откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција соопшти дека имаат повеќе чекори кои, како што рече, ќе водат кон рушење на владата која е без легитимитет. Првиот ќе биде поднесување на интерпелација за Димитров во Собранието.
„Интерпелацијата со којашто ми се заканија денеска, во период кога државата е соочена со сериозни предизвици, а јас лично сум мета на напади од разни центри што директно се борат против македонските интереси, всушност само помага самите тие да се нацртаат во графата каде суштински припаѓаат – рамо до рамо токму со тие центри, како тотални политички и државни деструктивци, изгубени и прегазени од чекорот на времето и процесите што им се одвиваат пред нос, додека тие во своите антимакедонски лаборатории го создаваат она од што и самите се изградени – интриги, завери, лаги и конструкции.
Очајниот обид за создавање на внатрешен раскол во Владата е на иста линија и оди далеку над политичката прагма и нивната битка против нас како политички противници. Во ова историско премрежје и овој контекст, ова е директен напад кон самата држава и нејзините институции како столбови и носители на суверенитетот.
Најголемиот пораз за нив, сепак е вистината и фактот што во сите битки на македонската држава денес, предавниците никогаш не биле на оваа страна од приказната.
Тоа ќе го суди и историјата, ама и блиската иднина.Таа тежина е залепена за нивните плеќи и со (само)залажувањето дека е на туѓите станува само поголема и поопасна.Нека си ја носат!“, пишува Димитров.