Германија почнува со вакцинирање за 10 дена, први се домовите за стари лица

од Vladimir Zorba
170 прегледи

Германија планира да започне кампања за вакцинација против Ковид-19 на 27 декември, а први во редот се пензионерските домови, објавија германските власти во средата.

„Федералниот министер за здравство Јенс Шпан ја извести Конференцијата на министри за здравство (ГМК) за одобрување и планирана испорака на вакцината на „Бајонтек“. Вакцинацијата против новиот коронавирус САРС-Ков-2 ќе започне на 27 декември“, се вели во соопштението на телото, кое ги обединува сите министри за здравство на федерални земји.

Се додава дека вакцинацијата ќе започне во „домовите за пензионери“.

Лесно е можно во другите земји на ЕУ, вакцинацијата да започне во ист ден како и во Германија, која моментално претседава со Унијата.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во средата наутро рече дека 27 земји од ЕУ можат да „започнат истиот ден“ кампања за вакцинација по одобрувањето на вакцината Фајзер/БајоНТек.

Под германски притисок, Европската агенција за лекови (ЕМА) во вторникот објави дека ќе донесе одлука за судбината на вакцината Фајзер/БајоНТек на 21 декември – една недела порано од планираното.

ЕК, откако ќе го анализира мислењето на регулаторот и ќе се консултира со земјите-членки (што може да трае неколку дена), ќе издаде условно одобрение за условно ставање на пазарот на Унијата.

Францускиот премиер Жан Кастекс во средата рече дека вакцинацијата во Франција ќе започне „веќе во последната недела од декември“ доколку „се исполнети условите“.

Вакцината, копродуцирана од американската компанија „Фајзер“ и германскиот „БајоНТек“, е прва што е одобрена во голем број западни земји, вклучувајќи ги Велика Британија и САД, каде што се спроведени првите вакцини деновиве, но и многу други земји како Мексико и Саудиска Арабија.