Диего Армандо Марадона почина на 25 ноември, а од смртта на славниот Ел Пибе, секој ден се појавуваат нови теории за тоа што довело до неговата смрт.
Последната во низата теории е изјавата на лекарот кој го лекуваше Марадона од 1977 до 2007 година, Алфред Кае, кој тврди дека славниот Аргентинец извршил самоубиство.
За време на гостувањето во една аргентинска радио станица, Кае изјавил дека Марадона престанал да јаде и да зема лекови по операцијата на мозок:
„Ова не изгледа како обичен срцев удар. Кога разговарав со него, го прашав дали размислува за самоубиство. Ми рече „Можеби еден ден, што знам“. Диего беше уморен. Сè што се случи е последица на самоубиство, по комбинација на занемарување, непромисленост и неискуство“, тврди докторот.
Како пример, тој наведува сцена од болницата, каде на Марадона не му било обезбедено соодветно внимание и грижа.
„Тој требаше да остане во болница, а не во куќа што не беше подготвена за него“, додал Кае, кој потоа раскажал сцена од Куба кога Марадона се обиде да се самоубие:
„Во Куба има автобуси наречени гуагуа, а Диего се обиде со автомобил да се удри во еден од нив. Ни рече дека не го видел, но точно е дека тогаш се обиде да се самоубие. Само чудо го спаси. За мене, неговата смрт беше самоубиство, тој беше уморен. Не можеше повеќе да издржи и едноставно попушти“, заклучи Кае.