Петстотини семејства на жртвите на пандемијата предизвикана од ковид 19 ќе поднесат приватни тужби против италијанската држава и ќе бараат сто милиони евра за сериозни неуспеси во управувањето со кризи, објавија медиумите во средата.
Тужби ќе бидат поднесени против премиерот Џузепе Конте, министерот за здравство Роберт Сперанца и Атилио Фонтана, претседател на Ломбардија, покраината што помина најлошо во пандемијата, со скоро 25.000 смртни случаи од вкупно 70.000 смртни случаи во Италија од февруари досега.
Овие приватни тужби доаѓаат по околу триста кривични пријави, според здружението што обединува членови на семејствата на жртвите и ги иницира судските процеси, здружението „Осудуваме“ (“Noi denunceremo”).
Тужбите беа поднесени во последните месеци главно во Државното правобранителство во Бергамо, во северна Италија.
Државното правобранителство спроведува неколку одделни истраги поврзани со трагедијата.
Адвокатите на здружението „Осудуваме“ наведуваат „сериозни пропусти од регионалните власти на Ломбардија и централната влада“ при организирање одговор на пандемијата, напиша во средата на својата веб-страница локалниот весник „Бергамоњуз“.