Соединетите Американски држави се подготвуваат да ги прошират санкциите за гасоводот „Северен тек 2“ во наредните недели, соопштија денеска високи претставници на администрацијата на Доналд Трамп.
Како што наведоа, администрацијата на Трамп во заминување се подготвува да донесе нов пакет санкции „во блиска иднина“, што би го одобрил Конгресот, за кој смета дека ќе нанесе удар на проектот за пренос на гас од Русија во Германија, спроведен од државната компанија „Гаспром“, пренесува Ројтерс.
Наводно, новите мерки ќе бидат подготвени „во блиска иднина“.
Русија продолжи да го гради гасоводот вреден 9,5 милијарди евра овој месец, по едногодишна пауза поради санкциите на САД.
Досега се изградени 90 проценти од гасоводот.
Предвидена е изградба на два крака на гасоводот со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно.