Бизнисменот Трифун Костовски преку соопштение ја објави својата граѓанска непослушност кон македонските институции заради отфрлање на неговата жалба за замрзнатиот имот.
„По повод одлуката на основниот Кривичен суд за замрзнување на имотот на Трифун Костовски и отфрлање на жалбата на Костовски како „недозволена“.
Почитувани мои сограѓани. Од денес ја објавувам мојата граѓанска непослушност кон сите институции во Република Македонија, бидејќи постапките кои системот ги прави против мене и моето семејство ги надминува сите граници.
Можеби сум и единствениот Македонец кој сите спечалени пари надвор во белиот свет сум ги донел во земјава и за жал изгубил од луѓе кои се занимаваат со матни зделки, а се блиски до политичките структури.
На мојата жалба до основниот Кривичен Суд Скопје, по основ на замрзнување на мојот приватен имот, добив решение во коешто со големи букви е напишано ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕНА. Што е дозволено во нашава држава? Јас, кој сиот имот го имам стекнато со пари спечалени вон Македонија, денеска истиот ми е замрзнат, и судот ми велат дека МОЈАТА ЖАЛБА Е НЕДОЗВОЛЕНА, а додека политичари коишто недвосмислено во изминатите години говореа дека стекнале богатство колку еден успешен бизнисмен, … ама пазете од политиката!! таквите луѓе се високо почитувани во нашето денешно секојдневие.
Стојам исправено и гордо и отворено им порачувам на сите институции дека можете да ми земете се од мене, ама не можете да ми го земете достоинството и мојот непокор. Ако мислите да ме влечкате по судските лавиринти, по основ на моето неприкосновено право, јас потврдувам дека тоа нема да го дозволам со мојата граѓанска непослушност. Судството кое е контролирано од извршната власт е само продолжена рака на организираниот криминал. Во последната колумна пишував за голготата на нас Македонците. Зарем не е срамно својата лична голгота да ја доживеам во својата веќе слободна Македонија, креирана од моите Македонци.. ЖАЛНО.“, напиша Костовски.