Двете страни ги креваат рацете победнички, по договорот за разделба, „изваден“ во последен момент. Задоволни се и во Брисел и во Лондон, но логиката „од прва рака“ вели дека Европејците излегоа како победници.
Останува детално да се разгледаат 2.000 страници од документот, чијшто секој збор ќе биде внимателно анализиран од противниците на Брегзит од другата страна на Ла Манш.
Договорот, кој пристигна како Божиќен подарок, подразбира продолжување на соработката без никакви царински давачки и квоти, што досега не е видено во односите на ЕУ со договорните страни. Им олесни на компаниите. Тешко е да се замисли што би се случило ако се наплаќа царина во толку цврсто испреплетена соработка помеѓу партнерите каде што, на пример, делови од авиони се произведуваат на Островот, а се составуваат на континентот, или каде рибите се фаќаат во една земја, а се пакуваат во друга.
Ќе постои и независен меѓународен „судија“ кој ќе ги надгледува споровите, како на пример ако има „премостување“ на увоз преку трети земји кои не ги почитуваат постојните норми. Програмата за размена на студенти „Еразмус“ повеќе нема да важи меѓу двете договорни страни. Студентите исто така ќе треба да исполнат дополнителни услови, а школарината ќе се зголеми.
Британскиот премиер Борис Џонсон победнички изјави дека неговата земја „стана независна поморска нација повторно за првпат од 1973 година“, во време кога пристапот до националните води е многу повеќе политичко прашање отколку економско прашање за владата во Лондон. Џонсон го опиша договорот како „разумен“ компромис. Сепак, дали е така? Директорот на Националната федерација на британски рибари Бери Дис изјави дека британските рибари не се задоволни и дека се надеваат дека поделбата ќе биде конечна. Не им се допаѓа и тоа што странците ќе можат да се приближат на 6 милји од крајбрежјето, наместо на 12, како што побараа. Велика Британија сакаше преодниот рок да трае три години, а ЕУ 14, Британците побараа намалување на квотата за 35 проценти, а добија 25.
Противниците на „Брегзит“ веруваат дека со останување на ваквите врски, тие само ќе се зацврстат и дека за десет години повторно, иако не де јуре, де факто повторно ќе бидат дел од ЕУ. Останува големото прашање како ќе реагираат Шкотите, кои главно се против излегување од ЕУ, што може да ги оддели од Лондон.