Мишел Свинг, мајка од Лос Анџелес, доби две куќи во вредност од 409.000 долари бесплатно од човекот кој беше идентификуван како личност од интерес за случајот со експлозијата во Нешвил на Божиќ.
Најмалку три лица беа повредени, неколку автомобили беа запалени и неколку згради беа оштетени во силната експлозија на кампер паркиран во центарот на Нешвил утрото на 25 декември.
Свинг (29) тврди дека не знаела дека Ентони Квин Ворнер (63) минатиот месец ѝ ја препишал куќата од 160.000 долари во Бакертаун Роуд, во која полицијата извршила рација во саботата, пренесува „Дејли Меил“, наведувајќи дека нема нејзин потпис на документот од 25 ноември.
„Во Тенеси можете да препишете сопственост на некого без негова согласност, потпис или што било друго“, навела таа. „Јас дури и не ја купив куќата, тој само ми ја препишал без мое знаење. Сето ова е многу чудно за мене, тоа е сè што можам да кажам“.
Сепак, Варнер минатата година ѝ препишал уште една куќа на Бакертаун Роуд на Свинг, во вредност од 249.000 долари. Куќата била во сопственост на член на семејството на Ворнер и тој ја поседувал шест месеци пред да ѝ ја даде бесплатно на Свинг. Подоцна, таа ја препишала дотичната куќа на друга личност, извесна Бети Лејн.
Свинг, сепак, не кажа дали некогаш го запознала Ворнер или биле во роднинска врска.
„Ми рекоа да упатам сè друго до ФБИ“, рече кратко таа.
Според податоците на LinkedIn, Свинг студирала маркетинг и бизнис на Универзитетот во Тенеси во Ноксвил, а во 2012 година се преселила во Калифорнија, најпрво во Сан Франциско, а потоа во Лос Анџелес, каде работи за „Anchovy Entertainment Group“.
Агентите на ФБИ во саботата утрото упаднаа во куќата вредна 160.000 долари, трагајќи по мистериозниот возач на камперот поврзан со разорната експлозија во близина на зградата на американската мултинационална телекомуникациска компанија АТ & Т во Нешвил, на Божиќното утро.
Властите сега се сомневаат дека експлозијата е резултат на самоубиствен бомбашки напад, откако беа откриени човечки остатоци на местото на настанот, а официјалните лица изјавија дека не бараат други осомничени, пишува Wral.com.
Според Wsmv.com, ФБИ истражува извештај дека Ворнер, наводниот сопственик на камперот, бил параноичен во врска со идејата Американците да шпионираат со помош на мрежата 5G, што може да објасни зошто возилото експлодирало пред зградата на AT&T.
Властите во саботата извршија претрес и на втората локација, како и во куќата на Ворнер и разговарале со агентот за недвижнини Стив Фридрих, кој рече дека осомничениот претходно работел кај него. Фридрих изјави дека Ворнер работел ИТ работи за него според договор со години. На прашањето од агентите дали Ворнер некогаш ја спомнал мрежата 5G, тој одговорил не.
„Добар човек. Знаете, тој беше човек за технологија. Ќе ја завршеше работата и ќе заминеше. Никому не пречеше“, изјави Фридрих.
„Дејли бист“ претходно објави дека Варнер бил уапсен во минатото, во јануари 1978 година, и бил прогласен за виновен две години подоцна, иако не било наведено конкретното дело. Соседите го опишале како „чуден“. Еден од нив, Тони Родригез, во саботата изјавил дека никогаш не разговарал со Ворнер, ниту пак го знаел неговото име пред инцидентот. Тој изјавил дека Ворнер имал табли со натпис „Забранет премин“ околу неговата куќа, а особено околу камперот и дека често го гледале како ја мести антената на покривот.
Истражителите веруваат дека камперот на Ворнер, кој што бил пред неговата куќа, е истиот што експлодирал, но властите не се сигурни затоа што возилото било уништено.