Проф. Трајковски со оптимистичка прогноза: Со сегашните мерки епидемијата би можела да згасне за 3-4 месеци

од Берта Китинска
187 прегледи

Професорот по теоретска механика на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ Дејан Трајковски преку својот Фејсбук профил искажа оптимизам дека со вакви мерки епидемијата би згаснала за 3-4 месеци.

“Девет дена по последното скратување на работното време на кафеаните, многу јасно ги гледаме позитивните ефекти на таа мерка на дијаграмот на ефективниот репродукционен број Rt, на првата слика. После еден месец стабилно намалување под влијание на растечкиот процент на прележано население (надолниот коридор за Rt помеѓу двете зелени линии), последниве 2-3 дена забележуваме дополнително, реско намалување на репродукциониот број за околу 0,10, при што црвената линија на Rt ја проби долната граница на коридорот, а максимумот не се искачи до горната граница на коридорот. Ќе ја следиме ситуацијата во наредните денови, при што очекуваме дополнително намалување пред повторно да се воспостави нов, благо опаднувачки коридор, кога Rt би можел да се спушти дури до 0,70…0,75.

На ова место можеме да извлечеме два важни заклучоци. Прво, повторно се докажува дека кафеаните се главен извор на ризик за пренос на ковид-19, па секое подзатворање носи сé подобри резултати. Гледаме дека гранката Угостителство и туризам (односно поширокиот сектор З (Z) – Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, како што официјално се категоризирани во НКД, Националната класификација на дејности) со своето скромно учество од само 1,5% во БДП на државата и учество од само 3,72% во работната сила , предизвикува несразмерно високи штети и ризици по здравјето на целото наделение. Утре ќе ги проанализираме малку подетално економските аспекти, но во основа со релативно малку пари државата можела да ги затвори сите кафеани и финансиски да ги компензира сите вработени (заедно со профитот на сопствениците!) во целиот сектор, со минимални финансиски последици по остатокот од населението и другите стопански гранки.

Вториот заклучок кажува дека моменталниот ефективен репродукционен број Rt = 0,82 ± 0,27 е резултат на истовременото дејство на превентивните и благо рестриктивните мерки од една страна (коишто го спуштиле базичниот репродукционен број R0 на приближно 1,20…1,25) и прележаноста и природната имунизација на најмалку 30% од населението од друга страна, што го намалува Rt под 0,90. Поинаку кажано, имаме еквивалент на 66% вакцинирано население во отсуство на било какви мерки (при R0=2,5). Во двата случаи исполнуваме услови (но под услов да не се укинат мерките!) за колективен имунитет и гаснење на епидемијата. Значи, кога сите би биле спремни да живееме под вакви мерки, епидемијата би згаснала за 3-4 месеци – исто како во овој момент да било вакцинирано 2/3 од населението. Ова под претпоставка дека имунитетот од прележувањето е долготраен, што никој не може да го гарантира. Затоа, вакцините се сепак потрајно решение.

Инаку, моменталните мерки, без стекнатиот имунитет од прележување, сепак не би ја згаснале епидемијата за скоро време (дури бројките уште благо би растеле). Важи и обратното: прележаноста е далеку од потребното ниво, за без мерки да имаме гаснење на епидемијата. Во секој случај, оваа комбинација ни дава сигурност дека до пролетта дневните бројки прилично ќе се намалат, можеби дури до ниво на спорадично заразување, а потоа потоплото време дополнително ќе го намали преносот во текот на летото – таман додека пристигнат првите вакцини наредната есен.

На вториот дијаграм сината линија ни ја прикажува пошироката слика за Rt, од почетокот на епидемијата до денес. Како што гледаме, во текот на летото Rt беше минимално под единица (поточно, просечно околу 0,98), но бидејќи прележаноста беше занемарлива, немаше постепено намалување на Rt, за разлика од последниве 6-8 недели.

Можеби најдобра претстава за намалувањето на дневните бројки ни дава графикот на седумдневниот просек на стапката на позитивни тестови на третиот дијаграм (црвената линија). Доколку цело време би се вршеле приближно константен број на тестирања, дневните броеви на дијагностицирани приближно би се менувале според таа линија. Споредбата меѓу 7-дневната стапка на позитивни тестови и усреднетиот дневен број на нови случаи ја гледаме на четвртиот дијаграм. Непосредно пред пикот имавме невообичаено висок број на тестирањa (да речеме од страв или паника), поради што дневните бројки процентуално растеа дури и повисоко од растот на стапката на позитивни тестови. Потоа следуваше извесно релаксирање, бројот на тестирања се намали, па дневните бројки се намалуваа дури и повеќе од споменатата стапка. Бројките можеби се намалиле и нереално многу, затоа што бројот на хоспитализирани не го потврдува тоа намалување. Имаме споменато две објаснувања за таквата појава (прво, дека во последно време можеби се примаат и полесни случаи и второ, дека времето на лекување е прилично подолго од просечното време на затворање на сите симптоматски случаи, просечно 21 ден). Но, што ако сé уште високите бројки на хоспитализирани се одраз на високите бројки на заразени, кои поради намаленото тестирање поминале „под радарот“? Тогаш подобро да ја следиме стапката на позитивни тестови како посигурен индикатор на темпото.

Можеби наскоро ќе го најдеме одговорот од споредбениот дијаграм (на петтата слика) на броевите на официјалните активни случаи (црвената линија, преценети за повеќе од 7.500 случаи), реалните активни случаи (портокаловата линија, што го прикажува огромниот расчекор со официјалните бројки) и броевите на хоспитализирани (сината линија). Летоска исто така имавме натрупување на незатворени официјално активни случаи (кои беа затворени на крајот од август), како и пролонгирано задржување во болниците. Тогаш сигурно не се тактизирало со полесните случаи (имало повеќе места во болниците), па можно е да се работело за подолготрајно лекување. Ако во наредните денови портокаловата линија слезе под сината (која би останала рамна), тоа дефинитивно би значело дека просечното време на лекување е прилично подолго од 21 ден. Ако пак и сината линија и се придружи на портокаловата во спуштањето, тоа би значело дека се намалуваат дури и полесните случаи во болниците. Како и да било, последново плато на сината линија кажува дека сепак имало проблем со болничките капацитети и дека всушност лимитот на постелите бил лимит на растот на бројот на хоспитализираните.

Сé на сé, развојот на ситуацијата е поволен и моменталната прележаност со стекнатиот имунитет не би требало да дозволат ново избувнување на епидемијата до пролетта. Сето тоа би било убаво, да не беше платена превисоката цена во човечки животи, која нé смести во самиот врв на светската ранг листа според морталитет. За една недела веројатно ќе ја надминеме дури и Италија (разликата е само 20 починати на милион жители) и така ќе се најдеме и задржиме на светската топ-5 листа. Така изгледа ситуацијата кога работите ќе се препуштат на стихијата и кога се нема желба вистински да се решаваат проблемите“ напиша Трајковски.

Слични содржини