„Воопшто не сме изненадени од арогантноста, нивото на политичка култура и примитивизмот на дел од пратениците во Собранието на РСМ. Но, изненадени сме од изнесените навреди и невистини во врска со МАКПЕТРОЛ АД Скопје, ТВ ТЕЛМА и нивното раководство, како и од намерата да се блокираат евроинтеграциите на земјата со попречување на усогласувањето на домашното законодавство со ЕУ директивите, во конкретниот случај со Третиот енергетски пакет“, реагираат од Макпетрол со соопштение по повод случувањата на 20-тата седница на Собранието и точката 9 од дневниот ред.
Според, „Макпетрол“ постои очигледна намера да се блокираат евроинтеграциите на земјата со попречување на усогласувањето на домашното законодавство со ЕУ-директивите, во конкретниот случај со третиот енергетски пакет.
„Не сакаме да ги коментираме ставовите дали оваа проблематика треба или не треба да се регулира со закон, од причина што подносител на иницијативата до Собранието не е ниту може да биде Макпетрол, туку Владата. Но, обврска на ‘Макпетрол’ е да го почитува Законот за енергетика, кој е усогласен со третиот енергетски пакет и мора да го продаде својот удел од 50% во ГА-МА АД Скопје, бидејќи повеќе не може истовремено да ги врши дејностите трговија и снабдување со природен гас и пренос на природен гас“, се наведува во соопштението.
Потсетуваат дека Гама е формирана како акционерско друштво во сопственост на МАКПЕТРОЛ АД Скопје и Владата на РСМ, со по 50% од вкупниот основачки капитал на Друштвото, во износ од 37.612.500 евра. Но од 2006 година до денес, ГА-МА АД има инвестирано неколку десетици милиони евра во развој на гасоводниот систем на земјата.
Од компанијата додаваат и дека Владата пред 4,5 години, го изгради најскапиот гасовод во светот. За кракот од Клечовце до Штип во должина од 60,6 километри потрошени се околу 65 милиони евра –мртва инвестиција која до ден денес не функционира, а од МАКПЕТРОЛ се купува функционален гасовод во должина од 205 километри.
„Јавноста во Државата треба да знае дека говорот на омраза и навредите упатени кон ‘Макпетрол’, ‘Телма’ и нивното раководство од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последица на неостварената желба на нивниот лидер да влијае врз уредничката програма на телевизијата Телма“, се наведува во соопштението во кое се додава дека „Телма“ отсекогаш била неутрален и објективен медиум и дека таков ќе остане и во иднина.
Од компанијата ги прашуваат пратениците од опозицијата, ако се толку многу загрижени за граѓаните зошто експресно и без дискусија беше изгласан Законот за финансирање на политичките партии од буџетот на РСМ?
„Дали тука водеа сметка за парите и за потребите на граѓаните или за своите лични интереси?“, стои во соопштението.
Пратениците по предлог-законот расправаа во петокот и ноќта меѓу петок и сабота, по што во раните утрински часови по повеќе од дваесет часа, седницата беше прекината.