Нови детали за животот на бомбашот од Нешвил: „Тој беше бубалица“

од Stefanija Kuzmanovska
371 прегледи

Осомничениот за експлозијата на Божиќ во Нешвил, Ентони Квин Ворнер (63), наводно бил повлечен човек кој изградил ограда околу својата куќа за да не доаѓаат соседите, јавуваат американските медиуми.

Според „Њујорк пост“, во периодот пред нападот во Нешвил, Ворнер дополнително се повлекол во себе, а само пред неколку недели ја подигнал оградата, го паркирал камп возилото и ја затворил портата, велат соседите. Патем, тоа беше истото возило што експлодираше во петокот, при што беа повредени најмалку три лица и беа оштетени 41 зграда.

Исто така, се верува дека 63-годишниот маж од американската држава Тенеси починал во таа прилика, а властите објавија дека по ДНК анализа утврдиле дека остатоците од човечкото тело пронајдени на местото на нападот навистина му припаѓаат на него.

– Никогаш не сум видел како некој доаѓа и си оди од неговата куќа. Никогаш не сум го видел да оди некаде. Колку што знаевме, тој наводно бил компјутерски работник кој работел од дома – навел соседот Стив Шмолт за весникот „Тенеси“ и додава дека неговиот долгогодишен сосед бил „малку чуден“.

Шмолт истакнал дека соседството дури и не забележало дека го нема камп возилото од неговиот двор.

– Да бидам искрен, не обрнував внимание. Немаше возила сè додека ФБИ и АТФ не дојдоа тука – објасни тој.

Ворнер пораснал во Ентиох, завршил средно училиште во 1970-тите и започнал да работи во ИТ-бизнисот. Според „Њујорк пост“, тој во 1978 година имал проблеми со законот и бил осуден на две години условна казна за поседување дрога.

Тренерот за голф во средното училиште, Чарли Бозман, кој играл со Ворнер, вели дека 63-годишникот бил тивок ученик.

– Она на што можам да се сетам за него се три работи: мирен, љубезен и, не сакам да го користам овој израз, но, искрено, тој беше бубалица – објасни Бозман.

На почетокот на месецот, Ворнер ѝ соопштил на една локална компанија дека повеќе нема да работи за нив како информатички консултант. Тој поминал пет години на таа работа и не навел причина зошто се повлекува.

Полицијата ги испрашува познаниците на осомничениот во врска со информациите дека Ворнер наводно се плашел од технологијата 5G, но мотивот за овој бомбашки напад сè уште не е познат.

Слични содржини