Се бележи пад пад на бројот на новозаболени како и на починати лица од компликации со ковид.
Според аналитичарите и здравствените работници во моментот сме на едно плато, каде епидемијата се смирува, но пред нас се новогодишните и божикните празници, за кои постојано се апелира да се почитуваат мерките за да не дојде до експлозија на нови случаи.
Како што соопшти Министерството за здравство, регистрирани сe 3.372 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 26,5 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.429; 42,4%), со неделна инциденца – 231,4/100.000.
Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 25,7 проценти, намалување од 3,6 отсто во однос на минатата недела.
– Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=910, 27,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=665; 19,7%), 40-49 (n=589; 17,5%), 50-59 (n=587; 17,7%) и 20-29 (n=414; 12,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=52; 1,5%) и 10-19 години (n=145; 4,3%), посочуваат од Министерството.
Пријавени се 129 смртни случаи од 23 града, 30 помалку или 18,9 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 105 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години и четири смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 81804, бројката на оздравени пациенти е 59650, на починати е 2456, а бројот на активни случаи изнесува 19698.