Затекнати околу сто луѓе во угостителски објект, лоциран на регионалниот пат Тетово – село Желино, објави денеска Министерството за внатрешни работи. Петнаесет минути пред полноќ полицијата упаднала и регистрирала 73-ца гости, додека останатите биле танчерки од Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Молдавија.
„Исто така, при извршената контрола пронајдена е марихуана и метадон при што лишени од слобода се две лица против кои ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од КЗ. Против 17 лица ќе биде поднесена соодветна пријава по чл. 418а од КЗ, а против сопственикот на локалот ќе биде поднесена пријава по чл. 206 од КЗ“, стои во соопштението на МВР.
Покрај тоа, изречени се и три санкции за неносење лична карта и лицата се приведени во СВР Тетово со цел утврдување на идентитет.
При контрола на локалот во посебно изработени рафтови со бројки биле пронајдени пари.
Од страна на Државниот пазарен инспекторат објектот е пломбиран и има забрана за вршење на дејност со времетраење од 30 дена.