СЗО повикува на фер распределба на вакцините

од Stefanija Kuzmanovska
240 прегледи

Челникот на Светската здравствена организација (СЗО) во средата, одбележувајќи ја првата годишнина откако Кина ги пријави првите случаи на коронавирус, ги повика земјите да осигураат дека вакцините ќе им бидат достапни на граѓаните насекаде, а не само во богатите земји.

Тедрос Аданом Гебреизус, генерален директор на СЗО, апелираше да се соберат 4 милијарди долари за купување вакцини против ковид 19 заради дистрибуција во посиромашните земји преку механизмот за набавка на вакцини, COVAX.

„Ова е предизвик што мора да го потенцираме во Новата година“, изјави Тедрос во видео пораката објавена ден пред годишнината од кинеското известување за првите случаи на пневмонија од непознато потекло до агенцијата за јавно здравје на ОН.

„Вакцините нудат голема надеж за пресврт во трендовите на пандемијата. За да го заштитиме светот, сепак, мора да осигураме дека сите луѓе во ризик каде било – не само во земјите што можат да си дозволат вакцини – се вакцинирани“, рече тој.

Тој исто така побара од земјите да се борат против теориите на заговор и нападите врз науката.

„Изборот е едноставен. Светот може да ги помине последните милји од оваа криза заедно, помагајќи си едни на други, од праведно споделување на вакцини до нудење на вистински совет, сочувство и грижа што ни е потребна“, рече Тедрос, според Ројтерс.

Слични содржини