Договорот со Бугарија не е грешка, туку историски чин и придобивка

од Берта Китинска
265 прегледи

Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија не е грешка, туку историски чин и придобивка и врз основа на него со идните политики ќе биде донесено решение во интерес на двата народи и двете земји и тој ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија, а негово поништување само би не „вкотвило” во балканското сивило, изјави премиерот Зоран Заев на вчерашната седницата за пратенички прашања.

Седницата се фокусираше на спорот со Бугарија, кога македонската пратеничка од опозицијата Рашела Мизрахи му ја откри семејната историја на премиерот Зоран Заев и побара од него да повтори дали Бугарите биле окупатори или администратори во земјата во минатото.

Според Заев, пратеничката Мизрахи има ваков пристап поради политички интереси.

Заев изјави дека комисијата за проценка на историските факти со Бугарија успеала да реши пет историски фигури, но оти процесот бил прекинат поради бугарското вето.

Тој нагласи дека со Бугарија „бие европската битка заради европска иднина на нашиот народ, почитувајќи ги и партизаните и комитите, затоа што тие се дел од нашата историја”.

– Нема да се криеме, туку ќе се бориме затоа што нашите деца очекуваат да победиме во битките на 21 век, да бидат во ЕУ и да бидат сигурни и стабилни како што се сега во НАТО, а не во некои кулоари и крчми повторно да ни ја крчмат Македонија. Не, денеска таа е заштитена од НАТО и конечно оваа држава има имотен лист. Таа битка ја водам и ќе продолжам да ја водам европската битка, рече Заев во одговор на пратеничко прашање на денешната седница на Собранието.

Слични содржини