Даниловски: Некаде во март и април ќе бидат заразени околу 60% од населението, што е доволно за да стивне епидемијата

од Nikola Popovski
473 прегледи

„Независно што очекуваме вакцини, тоа сигурно дека ќе биде трајно решение, но имунитетот се стекнува и на природен начин. Некои прогнози велат дека ако се оди со оваа динамика, некаде во март и април во Македонија ќе бидат заразени асимптоматски или со симптоми околу 60% од населението. Тоа е доволно да стивне епидемијата дури и без вакцина, но дефинитивно вакцините ќе бидат потребни за ризичните вработени, здравствените работници, вработените во услужните дејности, војската, полицијата, постарите од 65 години, како и хронично болните“, вели епидемиологот Драган Даниловски во интервју за ДВ.

Тој објаснува дека на ваков начин пандемијата ќе згасне делумно по пат на заразување по природен пат, или со вакцинација, но вирусот нема да исчезне. Тој ќе остане кај нас и ќе биде ендемски, секогаш ќе има ризик да се добие вирусот од страна на ризичните групи и ќе имаме ситуација аналогна на грипот и настинките.

„Доколку продолжи актуелниот тренд и доколку се исполнат најавите за процесот на набавка, почетокот на пролетта би можел да донесе и одредено стивнување на епидемијата и постепено враќање во нормала“, изјави Даниловски.

Во очекување на вакцината, секојдневно се зголемува ковид-статистиката. Заклучно со вчера, во Северна Македонија има 19290 активни случаи на заболени од Ковид-19. Бројката на починати изнесува 2510. Од почетокот на епидемијата евидентирани се 83743 заразени, односно 61943 оздравени пациенти.

 

Слични содржини