Илегална техно-забава беше организирана на новогодишната ноќ во празен магацин на северозападот од Франција, на која присуствуваа околу 2.500 луѓе. Собраните влегоа во конфликт со полицајците кога безуспешно се обидоа да ги растераат.
Илегалната забава беше организирана во мал град јужно од Рајна во провинцијата Бретања, пренесува Гардијан. Вкупно се казнети околу 1 250 лица, за непочитување на полицискиот час, неносење маска и незаконско групирање.
Посетителите влегоа во судир со полицијата, која се обиде да ја раскине забавата, а многумина од нив беа на локацијата и денес, додека околу нив беше поставен санитарен кордон.
Локалната полиција се обиде да го спречи инцидентот, но се соочи со силно непријателство и отпор од учесниците, кои запалија еден од нивните автомобили и фрлаа со шишиња и камења, се вели во соопштението. Меѓу собраните имало луѓе кои доаѓале од различни делови на Франција, па дури и од странство, пренесува Танјуг.
Ваквите масовни собири се забранети во Франција, каде во моментов е на сила полицискиот час од осум часот навечер, а оваа мерка не е ублажена ниту за Нова година.
Обвинителството започна истрага за незаконско организирање настани и насилство врз полицајци.
Припадници на безбедносните сили разбија нелегална забава во Марсеј, на која учествуваа околу 300 лица. По тој повод, полицијата предупреди повеќе од 150 лица и уапси три лица осомничени за организирање на забавата.
Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманин изјави дека на новогодишната ноќ биле ангажирани 132.000 полицајци низ целата земја да се грижат за безбедноста на граѓаните и да го почитуваат ноќниот полициски час.