Пожар кој избувна во еден од надворешните дуќани во ТЦ Глобал во Струмица е изгаснат рано утринава. Гореа и други дуќани, како и тезгите од покриениот пазар.
Од тоа што може да се забележи на местото на пожарот, изгорени се повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде е сместен пазарот и тезгите во најголем дел е изгорен, зафатен е супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови до третиот кат од трговскиот центар.
Причините за пожарот се уште не се знаат.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој дојде да даде поддршка на пожарникарите, рече дека повеќе градоначалници понудиле помош од другите градови, а во текот на ноќта пристигнаа пожарникари и возило од Радовиш. Тој додаде дека материјалната штета е голема, а за среќа нема повредени.