Европската агенција за лекови (ЕМА) би можела да ја одобри препораката за вакцината на Модерна против коронавирус и пред среда, како што првично беше планирано, објави денес „Политико“.
Комитетот за хумана медицина на ЕМА се состанува денес за да разговара за вакцината на Модерна, а портпаролот на ЕМА одговори по електронска пошта до порталот „Политико“ дека, во случај панелот да има одговор, соопштението за вакцината ќе биде испратено што е можно побрзо.
Состанок на Комитетот е планиран и за среда, 6 јануари, во случај да нема договор и одлука денес, се наведува во одговорот на портпаролот на Агенцијата за лекови на ЕУ.
Европската агенција за лекови на 8 јануари ќе организира јавен состанок за да ги информира граѓаните на Европската унија за проценките, одобрувањето и дистрибуцијата на нови вакцини.
Забрзувањето на овие рокови следи откако ЕУ се соочува со сè поголеми критики во врска со бавната вакцинација.
Соединетите држави го одобрија итното овластување за вакцината на Модерна на 19 декември, додека ЕУ даде условна дозвола само за вакцината на Фајзер-Бионтек на 21 декември, потсетува „Политико“.