Градоначалникот на Струмица: Општината ќе им помогне на трговците од „Глобал“ кои претрпеа штети

од Nikola Popovski
261 прегледи

Општина Струмица со сите ресурси е ставена на располагање за помош на сопствениците и корисниците на деловните објекти кои претрпеа штети од пожарот во Трговскиот центар „Глобал“.

Според градоначалникот на градот, Коста Јаневски, по вчерашното формирање на Координативното тело со претставници од релевантни општински и државни институции, денеска, Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди, ги стави на располагање сопствените знаења и искуства во проценката на штетите предизвикани од пожарот.

„Во салата на Советот на општина Струмица се одржа средба меѓу сопствениците и корисниците на деловните објекти и секретарот на општина Струмица Александар Оџаков, претседателот на Општинската комисија за проценка на штети, Ацо Ѓоргиев и членот на истата комисија, Васил Крстев.

Сопствениците и корисниците беа детално информирани за спроведување на законската постапка за поднесување барање за финансиска помош од државата.

Според единствената методологија за проценка на штети од елементарни и други непогоди, правните лица сами ја проценуваат штетата формирајќи сопствена комисија. Пополнетите формулари ги доставуваат до Општинската комисија која како збирен извештај го доставува до Советот на општина Струмица и по неговото усвојување ќе биде доставен до Републичката комисија за проценка на штети, а ќе биде даден на разгледување и во Бирото за судски вештачења.

Општина Струмица им отстапува една просторија во општинската зграда на сопствениците и корисниците каде што ќе можат заедно со членовите на Општинската комисија, точно и навреме да ги пополнат формуларите.

Проценката на штетите ќе се одвива на три нивоа и тоа, проценки на штети на објекти, на основни средства и на трговска стока“, соопшти Јаневски.

После три дена откако избувна пожарот во Глобал сопствениците на опожарените дуќани добија можност да влезат во нив. Заедно со обвинителството и полицијата ќе прават увид на моменталната состојба и направената материјална штета. Поединечно се документира секој дуќан. Тимови составени од вешти лица посебно ќе ја утврдуваат шетата на градежниот дел, а посебно на текстилот и останата стока што се наоѓа во дуќаните. Откако тоа ќе заврши, се очекува да започне расчистувањето. Во меѓувреме истрага продолжува. Од Обвинителството во Струмица велат дека е рано да соопштат било какви дополнителни информации за причините поради кои настанал пожарот.

Струмичката противпожарна единица објаснувајќи го детално текот на гаснењето на пожарот на нивниот Фејсбук профил меѓу другото објави дека хидрантите во објектот не биле употребливи.

Пожарот во „Глобал“ избвувна ноќта на 2 овој месец, а е пријавен во 23.12 часот.

Слични содржини