Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во свое и во име на Владата, упати честитка по повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божик.
-Во мое лично име и во името на Владата на Република Северна Македонија, на сите православни верници во нашата земја и на сите наши сограѓани што го празнуваат овој празник во странство, на Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан, на членовите на Синодот, и на сето свештенство и монаштво на МПЦ-ОА, го честитам големиот христијански празник Рождество Христово – Божик.
Во духот на празникот на радоста и надежта, кој годинава го чествуваме во посебни услови кои на светско ниво ги донесе пандемијата на КОВИД-19, посакувам во срцата на сите верници да се всели безусловна љубов, мир, спокојство, радост и почит.
Во период кога сите ние се исправени пред најголемата светска здравствено-економска криза во новиот век, вредностите кои ги носи Христовото раѓање се утеха за човештвото за нов почеток, напиша Заев.