По „студениот туш” од Бугарија, Португалија со оптимистични ставови

од Берта Китинска

Португалското претседателство со Европската Унија се залага за организирање на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија во првата половина на годинава.

Португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, чија земја го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари  на онлајн брифингот за новинарите, како што пренесува Бугарското национално радио, истакна дека отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана е меѓу приоритетите на португалското претседателство.

Тој посочи дека ЕУ досега испорачала многу барања до Северна Македонија. Земјата мораше да спроведе голем број многу важни реформи, па дури и да го смени своето име.

„Тие ја завршија својата работа. Сега е време ние да го завршиме нашето“, нагласи Сантош Силва.

Најави дека португалското претседателство преку разговори со двете страни ќе настојува да се надминат недоразбирањата меѓу Софија и Скопје.

-Сега имаме нова ситуација – прашањата поставени од Бугарија. Мојата цел е да разговарам интензивно со владите и на Северна Македонија и на Бугарија. Бидејќи е многу важно внимателно да ги слушнете аргументите на другата страна. Кога тоа ќе се направи, лесно може да се разбере дека постои заедничка основа врз која може да се работи, заклучи шефот на португалската дипломатија.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи има позитивни очекувања и од португалското претседавање со Советот на ЕУ кога е во прашање усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија. Османи рече дека во првичните контакти со португалското претседателство искажана е сериозна намера да се продолжи процесот којшто остана од германското претседавање со Унијата.

„Очекувам Германија да продолжи со својот ангажман и во текот на португалското претседателство, но според првичните контакти, португалското претседателство има сериозна намера да се продолжи таму кадешто остави германското и што побрзо да се најде решение за разликите со цел да се одржи првата меѓувладина конференција, односно да се усвои преговарачката рамка“, рече Османи.

Премиерот Зоран Заев, најави дека наскоро нашата земја ќе испрати советник во Брисел.

„Еден од  моите советници за надворешни работи, Дане Талески на 10 јануари, в недела, конечно заминува за Брисел, потпретседателот на Владата за европски прашања, работна група која преговара и слично, за да може уште еднаш да ги заклучиме сите досегашно состојби до каде сме дојдени за уште еднаш да ја изградиме стратегијата како да пристапиме соодветно, верувам дека добрата соработка и редовната комуникација можат да бидат само предност за изнаоѓање решение на секое прашање пред кое е исправена нашата земја“, рече Заев.

Слични содржини