Општина Охрид во изминатите 18 месеци континуирано беше посветена на заложбите за имплементирање на сите препораки на УНЕСКО и успеа да направи многу значајни чекори за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство, кој го поседува Охридскиот регион.
Како локална власт, во постојана координација со останатите надлежни институции и со поддршка на Владата на Република Северна Македонија покажавме вистинска грижа за нашето непроценливо национално богатство. И покрај тоа што се работи за еден сложен процес, кој бара огромен ангажман, време и средства, преку заедничко делување и соработка започнавме да спроведуваме сериозни активности со кои ставаме крај на децениската деградација на овој регион и овозможуваме услови за поголема заштита, велат од општината
Тие велат дека за прв пат е донесен сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини.
-Беа стопирани штетните проекти за изградба на Ски Центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид- Св.Наум. Започна реконструкцијата на Колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно препријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води. Исто така, за прв пат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави.
Согласно препораките кои беа во надлежност на Општина Охрид, беше изготвен инвентар на бесправно изградени објекти и беше воведен времен мораториум за градба на целата територија на општината. За прв пат, по 17 години беа спроведни низа активности за отстранување на бесправни градби во делот на крајбрежниот потег и на неколку други локации. Активностите за отстранување на дивоизградените објекти ќе продолжат и во текот на наредниот период. Сите градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети.
Со цел да се исполнат препораките на УНЕСКО во сферата на урбанизамот, Општина Охрид започна процес за изготвување на Урбанистички планови за 18 охридски села, како еден од најефикасните начини за борба со дивоградбите, обезбедување на соодветни услови за градење и развој на руралните подрачја.
Во делот на исполнување на останатите препораки од УНЕСКО, Општина Охрид воспостави нов режим на сообраќај со електронска евиденција на возилата во стариот дел на градот и беше воведена постојана пешачка зона на дел од улица „Кеј Македонија“. Исто така, беше изготвена „Студија за валоризација на просторот на Студенчишко блато заради негово прогласување за заштитено подрачје“ и беа спроведени активности за отстранување на рекламните билборди и неавтохтони насади -палми.
Најновиот нацрт-извештај на УНЕСКО кој е резултат на реактивната мониторинг мисија од месец февруари 2020 година и е сублимат на забелешките од сите претходни мониторинг мисии кои биле реализирани во овој регион, веќе е пристигнат до сите надлежни институции на централно и на локално ниво. Општина Охрид во предвидениот рок ќе испрати коментари на оваа првична верзија на извештајот, а официјален став околу нотираните препораки и заклучоци, ќе биде соопштен во јавноста откако ќе пристигне конечната и финална верзија на извештајот.
Исполнувањето на препораките на УНЕСКО продолжува да биде еден од најважните приоритети на Општина Охрид, а целокупниот процесот за спроведување на активностите кои се во интерес на зачувување на светското природно и културно наследство, остануваат важен дел од работната агенда на градоначалникот Константин Георгиески и надлежните општински служби.