Федералното биро за истраги (ФБИ) предупреди на можноста за вооружени протести во Вашингтон и главните градови на 50 американски држави доколку Доналд Трамп биде сменет пред истекот на неговиот претседателски мандат, на 20 јануари.
Ова го објави „ABC News“, наведувајќи дека ФБИ „добил информација дека неидентификувана вооружена група има намера да замине за Вашингтон на 16 јануари“.
„Тие предупредуваа дека ако Конгресот се обиде да го отстрани Трамп со активирање на 25-тиот амандман на Уставот, ќе се случат огромни немири“, се вели во извештајот на разузнавачката служба, објави новинарот на „ABC“ Арон Катерски.
Групата, наводно, повикала на упади во зградите на локалната и федералната влада, доколку Трамп биде отповикан пред инаугурацијата на eо Бајден за нов претседател на САД.
"Armed protests are being planned at all 50 state capitols from 16 January through at least 20 January, and at the US Capitol from 17 January through 20 January," according to an FBI bulletin obtained by @ABC
— Aaron Katersky (@AaronKatersky) January 11, 2021
Планирано е протестите да траат до 20 јануари, а Капитол Хил да биде мета на 17 јануари.
Неименувани извори соопштија дека ФБИ ја повикал полицијата да ги засили безбедносните мерки низ целата земја.
Имено, американските власти имаат намера да распоредат до 15.000 припадници на Националната гарда во Вашингтон пред и за време на инаугурацијата на Бајден.
Да потсетиме, републиканците во Претставничкиот дом на американскиот конгрес во понеделникот го блокираа барањето на демократите за отповикување на Доналд Трамп.
Демократите предложија резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да покрене постапка во согласност со 25-тиот амандман на американскиот устав, што ќе овозможи смена на претседателот Доналд Трамп од функцијата.