Обвинетиот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков во денешното прво сведочење во тригодишниот судски процес за масовното незаконско прислушување, тврди дека нема ниеден доказ дека илјадниците снимени разговори се од Управата и дека таму се вршело прислушувањето.
„Тоа не е точно, јас не сум имал можност и привилегија да давам такви наредби. Никогаш никому, ни писмено но усно, сум дал наредба да изврши какво било дејствие во насока на следење на комуникации. Во текот на постапката исто така видовме дека нема ниту еден доказ за такво нешто“, рекол Мијалков пред судот.
Тој се држел до тезата дека нелегалното прислушување не се вршело во УБК, потенцирејќи дека многу лесно можело да се прислушува надвор од системите на Управата. Мијалков, се повика на презентација од израелска компанија, која тврдела дека е можно следење на комуникации на мобилната телефонија надвор од Управата, преку телефонските оператори.
„Од израелска компанија ми беше презентирана високософистицирана опрема, дека е можно следење на комуникации на мобилната телефонија надвор од Управата, преку телефонските оператори. Опремата беше составена од 3 лаптопа и една мала антена од неколку сантиметри. Таа опрема ја нарекуваат дпл, за детектирање, превенирање и лоцирање. На еден од лаптопите пред сите излезе телефонска комуникација од повеќе разговори, преку нашите мобилни оператори. На презентацијата беше и Ѕвонко Костовски”, тврди Мијалков.