Владата денеска на својата 40-та седница го усвои планот за распределување на административните службеници вработени преку програмата К5. Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби најави дека новите решенија за работа ќе бидат доделени до административните службеници наредните денови.
Како што соопшти Кабинетот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Груби посочил дека Министерството за финансии веќе имам дадено согласност за планот за систематизација на административните службеници.
Министерството за информатичко општество и администрација, пак, е задолжено во рок од седум дена од приемот на актите за систематизација на овие административни службеници, во рамки на своите надлежности да ја заврши постапката за согласност за работните места каде што ќе бидат сместени овие административни службеници.
-Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е должно во рок од 15 дена по усвојувањето на Планот, да изготви индивидуални одлуки за секој административен службеник што ќе биде систематизиран во органите на државната администрација, се вели во соопштението.
Груби посочува дека органите на државната администрација се должни на административните службеници кои ќе ги прифатат во нивните институции да им овозможат стручна обука со цел да ги подобрат нивните знаења и вештини.
Според Груби, се задолжува Агенцијата за вработување врз основа на решението за распоредување да направи одјава на административните службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и да ги пријави во нивните нови работни места.