„За околу три проценти е намален бројот на нови случаи позитивни на коронавирус во споредба со минатата недела, но за истиот период зголемена е смртноста за 6,8 отсто“, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари.
Биле тестирани вкупно 14.111 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8,4 отсто во однос на минатата недела.
„Регистрирани сe 2.397 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од 3 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 и тоа 26,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 и тоа 18,6%, 30-39- 17,6%), 50-59 -16,8%)и 20-29- 14,7%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 -1,3% и 10-19 години- 4,7%“, стои во неделниот извештај од Институтот за јавно здравје.
Во периодот на известување, пријавени се 79 смртни случаи од 23 града, со зголемување од 6,8 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 62 лицa биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице од 30-39 години.