Дали денес ќе се изгласа Законот за попис?

од Nikola Popovski
133 прегледи

Претседателот на парламентот Талат Џафери за денеска го закажа продолжението на 29. седница на чиј дневен ред е и законот за попис – по скратена постапка и со европско знаменце.

Расправата за Предлог- законот во Собранието, со кој треба да се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари. Тогаш беше најавено дека за законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.

Иако во понеделникот во Собранието не можеше да се обезбеди кворум за да почне новата 30.седница, поради отсуство на двајца парламентарци поради ковид-19, пратеници од мнозинството веруваат дека пленарната сала денес нема да биде полупразна. Во тој контекст се посочува на најавата на коалицијата Алијанса/Алтернатива (која има 12 пратеници) дека ќе го поддржи законското решение за пописот, кој треба да се спроведе во април, и покрај тоа што не се прифатени предлозите на опозициската коалиција од т.н. албански блок.

Изјавата која ја даде пратеникот на ДУИ Арбр Адеми дека нема да го признае пописот доколку албанците се под 20 проценти е резултат на политичка провокација – и е личен став, се дообјасни вчера поранешниот министер за образование и актуелен пратеник од редовите на интегративците Адеми.

Од друга страна опозицијата е категорично против, а ВМРО ДПМНЕ бара одложување на пописот за в година. Пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев, доцна синоќа во пресрет на денешниот собраниски ден стави објава со ознака фалсификат попис.

Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува брзо донесување на законот за попис, затоа што, како штор ече, и после тоа има голем број на активности во делот на подготовките за спроведување на операцијата, како, на пример, да се обезбедат соодветни простории и човечки ресурси за менаџирање на целата постапка.