Кои се најплатени професии во земјава?

од Nikola Popovski
368 прегледи

Просечна плата од над 27.500 денари и раст на примањата во земјава за 7% за една година, покажуваат последните податоци на државната статистика.

Според нив, најплатени професии се вработените во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности – нивната просечна плата во ноември била 66.556 денари или 1082 евра. Вработените во информации и комуникации земаат плати од 49.824 денари во просек, а во воздухопловен транспорт добиваат во просек по 49.144 денари. Вадење на руди и камен е сектор со просечна плата од 40.288 денари, а 46.607 денари земаат во производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати.

Во финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови имаат плати во висина од 43.231 денар. Во дејности за здравствена заштита  просечната нето плата според Државниот завос за статистика изнесувала 36.304 денари.

И Владата со соопштение се пофали со растот на платите од 7% или 1801 денар за една година.

„Владата во консултација со сите релевантни чинители во општеството, синдикати, комори, организации на работодавачи, креира амбиент за раст на просечната и на минимална плата во следните четири години. Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и покачување на платите за 20% до 30% односно до 34 илјади денари во следните четири години со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата“.

Слични содржини