Семејствата на починатите од ковид 19 во Вухан „присилени на молк“

од Stefanija Kuzmanovska
395 прегледи

Семејствата на луѓето кои починаа од коронавирусот во Вухан, Кина, велат дека властите во земјата ја избришале нивната група на социјалните мрежи и ги присилуваат да молчат додека тимот на Светската здравствена организација се обидува да го испита потеклото на пандемијата.

Семејствата на голем број починати се здружија преку Интернет и побараа одговорност од официјалните лица на Вухан кои ги обвинуваат за неисправно постапување прри избивањето на коронавирусот во овој град пред една година.

Според агенцијата АФП, семејствата на починатите велат дека досегашните напори ги задушиле локалните власти со опструкции, следење на социјалните мрежи и заплашување.

Нервозни власти

Групата на популарната кинеска платформа WeChat, која минатата година ја користеа 80 до 100 семејства на починатите, одеднаш беше избришана пред десет дена без никакво образложение, вели Занг Хаи, еден од членовите на групата и гласен критичар на третманот на Кина кон пандемијата.

„Ова покажува дека кинеските власти се многу нервозни. Тие се плашат дека семејствата ќе стапат во контакт со експерти од Светската здравствена организација (СЗО)“, вели Занг, чиј татко почина на почетокот на пандемијата, најверојатно од КОВИД 19

Експертите на СЗО пристигнаа во Вухан на 14 јануари и за два дена излегоа од карантин и започнаа со работа.

„Кога експертите пристигнаа во Вухан, властите насилно ја отстранија групата. Сега не можеме да стапиме во контакт со многу членови“, рече Занг.

Занг ги повика експертите на СЗО „храбро“ да се сретнат со семејствата на починатиот бидејќи, како што вели, кинеските власти најверојатно ќе се обидат да ги насочат во друга насока или да ја попречат нивната истрага.

Семејствата на починатите ги обвинуваат властите на провинцијата Вухан и Хубеи дека дозволиле КОВИД-19 да се шири надвор од контрола, обидувајќи се да го прикријат избувнувањето на вирусот кога првпат се појави во овој град во декември 2019 година.

Според официјалните кинески податоци, скоро 3.900 луѓе починале во Вухан од КОВИД 19, што претставува најголем дел од смртните случаи во оваа земја, која пријавила 4.636 смртни случаи од последиците на коронавирус.

Семејствата на починатите не им веруваат на овие бројки и наведуваат дека недостатокот на тестирање во раните денови на пандемијата значи дека многумина веројатно починале без да се потврди присуството на болеста.

Повеќе од два милиони луѓе починаа од коронавирус ширум светот.

Слични содржини