Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека руската вакцина против коронавирус може да има многу важна улога во борбата против пандемијата, потенцирајќи дека се надева дека Светската здравствена организација ќе ја потврди руската вакцина во најбрз можен рок.
„Вакцината може да се користи во мисиите на Обединетите нации во најранливите области каде што ни требаат вакцини и за нашите вработени и за локалното население што ги поддржуваме за време на мировните операции“, рече Гутереш.
Генералниот секретар истакна дека „единствениот услов за ОН е тоа што можат да користат само вакцини одобрени од СЗО“.
„Знам дека руските власти и СЗО во моментот се во контакт и се надевам дека овие контакти ќе доведат до тоа СЗО што побрзо да ја препознае или да ја потврди руската вакцина“, додаде Гутереш.
Русија ја разви и веќе ја користи првата вакцина во светот против коронавирусот „Спутник V“, а регистрирана е и втората „ЕпиВакКорона“. Наскоро се очекува регистрација на третата вакцина против коронавирусот на Центарот за наука „Чумаков“.