Јавното обвинителство денес поднесе обвинителен акт против инвеститорот кај „Мавровка“, кој градеше без дозвола, и тоа објект од тврда градба, кој подоцна беше срушен од страна на одговорните органи.
„По спроведената истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот М.А., во текот на јуни и јули 2020 година, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 м2 на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, а притоа немал одобрение за градба издадено од надлежен орган“, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство.
За потсетување, претходно, на сопственикот му беа определени мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање на нова, како и повремено јавување кај службено лице во Кривичниот суд.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги продолжи ваквите мерки спрема обвинетиот со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката.