На барање на Европската комисија, Федералната агенција за лекови во Брисел изврши инспекција на фабриката каде „Астразенека“ произведува вакцини против коронавирусот, пренесуваат светските медиуми.
Според порталот „Прототема“, повикувајќи се на белгискиот весник „Де Стандард“, оваа информација ја потврди и канцеларијата на белгискиот министер за здравство, Франк Ванденбру.
Белгиските медиуми посочуваат дека инспекцијата е спроведена во соработка со други земји, а целта била со сигурност да се утврди дека испораката на вакцините до земјите од Европската унија е одложена поради проблеми со производството во белгиската фабрика, велат од канцеларијата на Министерството за здравство.
Инспекцијата е извршена во соработка со други земји, така што сè е „транспарентно и објективно“, рече портпаролот на Министерството за здравство, додавајќи дека белгиските експерти сега ги анализираат податоците што ги собрале, заедно со колегите од Холандија, Италија и Шпанија.
Медиумите наведуваат дека извештајот ќе биде „подготвен што е можно поскоро“, но се претпоставува дека ќе бидат потребни неколку дена.
Односите меѓу ЕУ и „Астразенека“ се „затегнати“ поради проблеми со испорака на вакцината на Оксфорд во земјите на Унијата.