Кина апелира: Не дозволувајте политизација на истрагата за потеклото на вирусот

од Stefanija Kuzmanovska
276 прегледи

Кинеските власти соопштија дека истрагата на Светската здравствена организација за потеклото на пандемијата на коронавирус не смее да се политизира, откако денеска тим од експерти на СЗО беше ослободен од карантин во Вухан и започна со оперативна работа.

– Какви било активности засновани на предрасуди, претпоставки, негативни шпекулации или дури и обиди за политизација на ова прашање се несоодветни и претставуваат мешање во научната соработка меѓу СЗО и Кина – рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Зао Лиџијан на прес-конференција, пренесува Си-ен-ен

Кинески официјален претставник истакна дека целта на истрагата е да помогне во разбирањето на вирусот, неговите животински домаќини и патиштата за пренесување, за да можат поефикасно да спречат можни ризици и да најдат одговор на слични глобални здравствени кризи во иднина.

Зао ги повика Соединетите држави да работат заедно и одговорно со Кина, така што тимот на СЗО ќе може да спроведува трагање и научни истражувања без мешање на политички фактори.

Си-ен-ен наведува дека кинескиот портпарол не ги опишал јасно следните конкретни чекори на тимот на СЗО по нивното ослободување од карантин, но навел дека ќе продолжат да соработуваат со експерти во Кина во врска со потрагата по потеклото на вирусот.

– Нивните активности вклучуваат дискусии, посети, инспекции. Сето ова мора да биде во согласност со принципот на научно следење на потеклото на вирусот, а во нивната работа тие мора да се придржуваат до сите релевантни регулативи за спречување на епидемијата во Кина – рече Зао.

 

Слични содржини