Протестен марш: „Јавна соба е кривично дело“

280 прегледи

Платформата за родова еднаквост организира протестен марш под мотото „Јавна соба е кривично дело“. Протестниот марш  е најавен за 3 февруари (среда) од 14 и 30 часот, а ќе започне пред Министерството за внатрешни работи, по што толпата ќе се упати до Јавното обвинителство.

„Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сè уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик“, порачуваат од платформата.

Истовремено, од Платформата за родова еднаквост бараат и соодветна грижа за жртвите од надлежните институции.

„Неколку приведени членови и санирање на штети нема да нè замолчат. Будно ги следиме институциите и бараме сеопфатни решенија за превенција на родово базирано насилство. И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите и ги охрабруваме жртвите на Јавна соба, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и побараат правда.
Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно“, истакнуваат од Платформата.

Оттаму додаваат дека ќе бидат запазени сите мерки против ковид-19, за што ќе се погрижат адекватен број на редари.

Слични содржини