ЕУ ЈА ОЧЕКУВА ПРЕПОРАКАТА НА ЕМА: „АстраЗенека“ нуди уште 8 милиони дози

од Stefanija Kuzmanovska
241 прегледи

Европската унија попладнево очекува препорака од Европската агенција за лекови (ЕМА) за употреба на вакцината на „АстраЗенека“, а во меѓувреме пристигна понуда од таа фармацевтска компанија до Унијата за зголемување на испораката на дозите за осум милиони.

ЕМА треба да објави препорака во петок попладне, врз основа на која Европската комисија може да одобри употреба на вакцината на „АстраЗенека“, објави Хина.

Во Германија, пак, Агенцијата за одобрување вакцини објави дека не ја препорачува вакцината на „АстраЗенека“ за лица над 65 години.

„АстраЗенека“ одговори со изјава во која се наведува дека неодамнешните студии ја потврдуваат ефективноста на вакцините кај луѓето над 65 години.

Откако британско-шведската компанија „АстраЗенека“ минатата недела објави дека нема да може да ја достави количината на дози за кои се обврзала со потпишување на договорот со Европската комисија, последните денови се водеа интензивни разговори за решавање на проблемот.

Европската комисија инсистира дека производителот на вакцини мора да ги исполни своите обврски, додаде Хина.

Според официјален претставник на ЕУ, цитиран од „Ројтерс“, „АстраЗенека“ понудила да ги зголеми испораките за осум милиони дози, но и тоа е сè уште недоволно и далеку од тоа што компанијата се согласи со Комисијата.

„АстраЗенека“ минатата недела објави дека поради проблеми со производството, нема да може да испорача 80 милиони дози на Европската унија, како што беше планирано за првиот квартал, туку само 31 милион.

 

Слични содржини