Претседателот на Владата, Зоран Заев денес се обрати во Собранието по повод претстојниот попис, и оттаму уште еднаш стави акцент на неуспешните обиди на опозицијата да го бојкотира истиот, со образложение, дека пописот ни е и повеќе од неопходен.
„Кога зборуваме за ризиците и за заканите кои се уште го демнат пописот, тука, уште на почетокот од ова мое обраќање до вас, сакам да ја адресирам најавата за нова неодговорна постапка на опозицијата, односно најавата за бојкот на пописот од страна на опозицијата.
Сметам дека тоа е најлошата одлука што може да ја донесе некој политички субјект бидејќи, освен што е правно недозволив, бојкотот носи само конфузија меѓу граѓаните, сериозна штета за државата и ништо добро, ништо позитивно.
Повикот за бојкот. Без разлика дали е лажно спакуван како повик за неучество или повик за минирање на најважната статистичка операција за земјата, е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект.
Таквиот став е свесно туркање на земјата во провалија и закана дека ќе останеме црна дупка во светот како изолирана земја која што не поседува податоци за да може да ги испланира следните 5, 10, 50 или 100 години од сопствената иднина. Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики.
Оттаму, тука сме пред вас, за да укажеме колку е важно државата и сите нејзини институции и чинители на централно и локално ниво, да дадат поддршка на Државниот завод за статистика, за успешно да ја спроведе стратегиски важната статистичката операција – Попис 2021“, посочи во своето обраќање, премиерот, Заев.