Директорот на СЗО ги повика богатите земји да не натрупуваат залихи со вакцини

од Nikola Popovski
137 прегледи

Богатите земји мораат да ги избегнуваат грешките што ги правеа порано со акумулирање залихи на лекови и вакцини, предупреди, Тедрос Гебрејесус.

Директорот на Светската здравствена организација ја осуди борбата на богатите земји да обезбедат огромни количини разни вакцини против коронавирус, додека сиромашните нации сè уште не ги добиле првите дози.

Тедрос Гебрејезус истакна дека пандемиите ги разоткриваат и експлоатираат нееднаквостите во светот и предупреди дека сега постои „реална опасност“ вакцините, како средство за запирање на пандемијата, да ги влошат тие нееднаквости.

„Национализмот со вакцини може да послужи за краткорочни политички цели, но на крајот ќе биде кратковид и самоубиствен“, рече Тедрос Гебрејезус, пренесува Гардијан.

Тој рече дека целта е Ковакс програмата, предводена од СЗО да започне да ги доставува првите дози во следните неколку недели и дека целта е да започне вакцинирање на медицински работници и постара популација во сите земји во првите 100 дена од оваа година .

Тој го повика светот да не ги повторува грешките во кризата со ХИВ, кога богатите земји набавуваа лекови со децении пред да станат достапни во посиромашните земји.

Тој исто така потсети дека за време на пандемијата на вирусот на грип Х1Н1 во 2009 година, вакцините стигнале до сиромашните земји дури по завршувањето на пандемијата.