„За периодот од јануари до септември 2020 година се случиле 1.168 насилства, од нив 836 жртви пријавиле насилство во градовите, а 332 во рурална средина. 51 малолетно девојче било жртва на насилство и 53 момчиња, што е поразителна бројка. Во 816 случаи од 1.168 пријавени случаи на насилство, институциите постапиле односно превземале соодветни мерки“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска за емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.
Таа зборуваше и за одговорноста на институциите која е огромна и обврзувачка и токму новиот Закон предвидува постапување со должно внимание односно секој кој е вработен во некоја институција, сведок на насилство, должен е да го пријави.
„Прва инстанца се Центрите за социјална работа или Полицијата кои се должни да постапат, а судот во рок од 24 часа, носи одлука согласно констатираниот полициски извештај. Целта на новото законско решение е да ја подигаме јавната свест, да говориме отворено за насилството, да го превенираме , а доколку истото се случи да се превземат мерки, како итни ,така и за поддршка и заштита на жртвата“ истакна Шахпаска.
За случајот со „Јавна соба“, Шахпаска рече дека охрабрува што девојките кои беа жртви на насилство почнуваат гласно да говорат.