Вакцинацијата ќе се спроведе во три фази, МЗ ги соопшти приоритетните листи

од Берта Китинска
366 прегледи

Според Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата ќе се спроведува во три фази.

Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција.

-Како приоритет здравствените работници веќе ги имаме со име и презиме како ќе примаат вакцини, тука во Клиничкиот центар во еден пункт, а во останатите градови во здравствените домови таму кадешто се аплицираат вакцините. Во однос на останатите граѓани, согласно возраста и хроничните болести веќе е направен списокот со име и презиме на 14.000 луѓе, кои ќе бидат повикувани само преку матичните лекари, а не преку системот „Мој Термин”, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход кои не се опфатени во фаза I, лица на возраст од 65 години и постари.

Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.

Министерот нагласи дека последната препорака е дури и граѓаните кои биле заболени после месец дена без разлика дали имаат или немаат антитела се вакцинираат.

Слични содржини