Во тек е поставувањето на првите хибридни колектори на јавен објект во надлежност на локалната самоуправа. Имено, Општина Карпош ги поставува овие модули на кровната површина на градинката „Мајски цвет“ (објект „Јасмин“), во населбата Тафталиџе 2.
Овие колектори, преку искористувањето на сончевата енергија, ќе произведуваат 300 литри санитарна топла вода, која ќе се користи за потребите на кујната на оваа детска установа.
Колекторите заменуваат четири електрични бојлери од 80 литри. Исто така, тие ќе произведуваат 3,2 киловати струја за градинката, а вишокот на електрична енергија, преку двосмерно броило, ќе се предава на мрежата на ЕВН.
Инвестицијата е во вредност од 296.000 денари, а дел од опремата е донација од компанијата „Солар и Квазар“.
Од оваа година, граѓаните на Општина Карпош ќе можат и самостојно да ги проверуваат техничките и финансиските аспекти и поволности од промената на системот на греење во своето домаќинство. Веќе се работи на софтверско решение, со кое преку веб страната на Општината ќе биде достапна оваа можност.