Македонската ракометна супер лига – главен соиграч на продавачите на „Лице в лице“!

312 прегледи

Мартин Серафимов, Момир Рниќ и Златко Хорват од ракометниот клуб (РК) „Металург“,  Хари Павлов, Христи Бикоски, Хазеин Рустамов од РК „Прилеп“, Дејан Пецаковски и Михаил Аларов од РК „Пролет“ и Кристијан Дисингер од РК „Вардар“. Ова е главната ракометарска постава, која од утре, па сѐ до 7 февруари, ќе биде главен соиграч и поддршка во работата на продавачите  на „Лице в лице“, единственото улично списание во земјава – во знак на одбележување на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, што ќе трае од 1-ви до 7-ми февруари.

Сите тие заедно, тимски, и во спортски дух, под слоганот „Биди фит – вежбај го умот“, низ секојдневни средби со граѓаните, ќе ѝ се обратат на јавноста во три града во земјава, Скопје, Струга и Прилеп, со цел да укажат на вредностите кои се неопходни за успех во нивната работа: јасна цел, упорност, постојана работа на себе, но, и поддршка од публиката, од трибините или од читателите.

Предизвиците со Ковид – 19 и неизбежната изолација резултира со негативен одраз врз целокупното живеење, посебно врз економската и социјална интеграција на ранливите сограѓани. Изминатата година нѐ научи дека грижата за менталното и физичкото здравје, но, и солидарноста и заемната поддршка, се клучот за пребродување на кризните периоди.

Токму затоа, целонеделниот настан за славење на работата на продавачите на уличен печат предвидува бројни средби со граѓаните, кои ќе имаат можност да се дружат со продавачите, да се сретнат со содржините на актуелното издание на „Лице в лице“, но, и да  се фотографираат со познатите ракометари, од кои, овојпат, пристигнува главната поддршка.

Слични содржини