„Апсолутна поддршка за барањата на граѓаните во однос на Јавна Соба, важно е да се подигне јавната свест за појавите како Јавна Соба, важно е и ефикасно делување на институциите на системот“, објави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Според него, МВР ефикасно презема многу чекори коишто придонесуваат во истрагата за Јавна Соба, со цел санкционирање за одговорните.
„Веќе се приведени четири лица, извршени се претреси, одземени се телефоните кои се вештачат и коишто ќе бидат предадени на Јавно обвинителство. Воедно, идентификуваме и детектираме дополнителни лица коишто биле дел од Јавна Соба. Сакам да уверам дека неселективно постапуваме кон сите што се детектираат и идентификуваат и ќе биде спроведена постапка, сѐ со цел да се обезбедат докази и да се достават до Јавното обвинителство“, стои во објавата на министерот, додавајќи дека постои информации за слична група, во која има и членови кои не се од нашата земја, а на којашто се приклучуваат и членови од земјава.
Групата „Јавна соба“ пред неколку денови беше избришана од „Телеграм“, откако Министерството за внатрешни работи го побара тоа, но, по бришењето на групата, се појавија уште неколку слични на неа.