Повеќе од 10 милиони луѓе во Велика Британија ја примија првата доза на вакцината против КОВИД-19, изјави денес министерот за здравство Мет Ханкок, нарекувајќи го „исклучително значајно“ достигнување.
Велика Британија има намера да ги вакцинира сите луѓе постари од 70 години, високо ранливите групи и здравствените работници во болниците до средината на февруари.
Стапката на вакцинација, според која вакцината ја примаат 400.000 луѓе на ден, ја става Велика Британија на трето место според вакцинацијата на 100 жители, зад Израел и Обединетите Арапски Емирати.
Одобрување пред САД и ЕУ
„Ова е значајна пресвртница во нашите национални напори за борба против пандемијата“, објави Ханкок на Твитер, пренесе Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Земјата одобри вакцини развиени од Фајзер и БиоНТех и Универзитетот Оксфорд и АстраЗенека порано од САД и Европската унија, што ѝ овозможија порано да започне со вакцинација.
Велика Британија исто така потпиша договори за снабдување со производителите за време на развојот на вакцината, со што се избегнаа проблемите со снабдување кои ја попречуваат европската програма.