Лејен: Индивидуалните набавки на вакцините ќе ја загрозат ЕУ

од Vladimir Zorba
249 прегледи

Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен ги призна можните недостатоци во набавката на вакцините, но истовремено отфрли дека биле нарачани предоцна и предупреди дека ЕУ мора да се подготви за сценарио во кое вирусот повеќе не може да биде потиснат од актуелните вакцини.

„Ако порано ги сфатевме тешкотиите во масовното производство, тогаш ќе ги намалевме прекумерните очекувања за брза вакцина на сите нивоа порано“, рече Фон дер Лејен во текст за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Таа посочи дека е потребно денес да се направат подготовки за сценарио во кое вирусот повеќе нема да може доволно да се потиснува со сегашните вакцини и додаде дека поради тоа ЕУ тесно соработува со науката и индустријата, со цел да се развијат вакцини против идни видови.

Како лекција од минатогодишните пропусти, рече таа, производствените капацитети во Европа треба да се прошират.

Фон дер Лејен рече дека е лудо да се мисли дека порано потпишување на договор ќе довело до побрзи испораки.

Според неа, проблемот е во сложениот процес на производство и недостатокот на важни состојки.

„Да, можеби е потребно подолго време за одлуките да бидат донесени од 27-те членови“, призна претседателот на Европската комисија.

Таа рече дека Германија и другите земји можат да купуваат вакцини самостојно, но со можни последици за единството на Европа, заедничкиот пазар и просперитетот.

„Тоа би ги загрозило темелите на Европа“, рече Урсула фон дер Лејен.

Слични содржини