Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, изрази длабока загриженост во врска со одбивањето на Русија да има „поконструктивен“ дијалог со ЕУ и ги повика земјите од ЕУ да одлучат за понатамошните мерки вклучувајќи ја и можноста за санкции.
„Руските власти не сакаа да ја искористат можноста за поконструктивен дијалог со ЕУ. Жално е … Останува на земјите-членки да одлучат за следните чекори, а тоа може да вклучува и санкции”, рече Бореj на Твитер по враќањето од посета на Москва.
Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе имаат состанок на 22 февруари на кој ќе разговараат за посетата на Борел на Русија од 4 до 6 февруари.
Министрите треба да одлучат за мерките против Русија, која одбива да го ослободи затворениот опозициски лидер Алексеј Навални и која протера тројца европски дипломати додека Борел беше на состанок со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Одлуката за санкциите треба да биде едногласна по предлог на земјите-членки на ЕУ. Борел, како шеф на дипломатијата, може да даде препораки врз основа на извештајот за посетата.
За време на посетата на Борел, Москва прогласи дипломати од Германија, Полска и Шведска за непожелни заради наводно учество во неовластени протести одржани за поддршка на уапсениот опозиционер Алексеј Навални.
Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи се вели дека постапките на дипломатите се „неприфатливи и неспоиви со нивниот дипломатски статус“.