Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска учествуваше во работата на Самитот на Кина и земјите од Централна и Источна Европа 17+1, што се одржа преку онлајн видео конференциска врска.
Во свечениот дел од Самитот, претседателот на Народна Република Кина Си Џинпинг ги поздрави и им посака успешна работа на шефовите на држави и влади вклучени во иницијативата 17+1, која постои веќе 9 години.
Претседателот Си Џинпинг се осврна на придобивките од иницијативата и информираше дека во име на идниот развој на соработката меѓу Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа, неговата земја во наредните пет години утврди план за поголема вредност на увозот од овие европски земји во висина од 15 милијарди долари, како и зголемување на соработката во повеќе области како земјоделството, енергетиката, патната инфраструктура, образованието, и особено во здравството бидејќи НР Кина ја гледа Иницијативата 17+1 како крос-регионална платформа за соработка и на поле за сузбивање на пандемијата и на последиците од неа и ќе продолжи да биде активна во солидарната поддршка на земјите од Централна и Источна Европа.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека Република Северна Македонија уште од почетокот на воспоставувањето на процесот на соработка помеѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа, активно учествува во поголем број активности, сметајќи ја како добра платформа за продлабочување на соработката во различни области.
Дури и во овој предизвикувачки период, рече премиерот Заев, кога целиот свет се соочува со последици од пандемијата на КОВИД-19, минатата година, во рамките на 17+1, беа одржани еден министерски и неколку експертски видео состаноци, кои служат како добра можност за размена на информации и искуства во борба против вирусот.
Заев искажа уверување дека овие состаноци беа навистина корисни за сите 17+1 земји и ја покажаа важноста на соработката во најтешки услови.
„Сега е време да се подготвиме за пост-Ковидската ера и обновување на нашите општества и економии, и во таа насока секако е важно да се интензивираат различните форми на економска соработка. Имајќи го предвид ова, сметаме дека соработката во рамките на 17 + 1 треба да биде насочена кон специфични проекти и да има конкретни резултати, особено во областите на економската и трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање на Самитот на Кина и земјите од Централна и Источна Европа 17+1.
Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев потенцираше дека за суштински развој и поголема соработка, особено е важно да се обезбеди слободна трговија, ослободена од административни пречки, понатамошно отворање на кинескиот пазар за производи од Централна и Источна Европа, фер конкуренција, еднаков третман на компаниите од регионот на кинескиот пазар, почитување на принципите на реципроцитет и принципот на взаемна корист, почитување на утврдените мултилатерални трговски правила на Светската трговска организација, и, како земја кандидат за ЕУ, во согласност со законот, политиките, вредностите и принципите на ЕУ.
Премиерот Заев истакна дека процесот на соработка има потенцијал да постигне поголема ефикасност и од зголемената регионална соработка и за заеднички пристап кон проектите што доаѓаат од иницијативата 17+1.
„Знаеме дека сите земји од Југоисточна Европа имаат специфични интереси во различни области, па затоа може да биде корисно да се размислува за зголемена регионална соработка за проекти што би биле од интерес за повеќе земји во одреден регион. Ова може да се направи во областа на инфраструктурата или енергијата, особено во врска со проектите за употреба на обновлива енергија и намалување на загадувањето на водата, воздухот и почвата, како заеднички придонес во нашата борба против климатските промени“, истакна премиерот Заев и додаде дека во таа насока ги гледа проектите кои произлегуваат од заложбата за „зелено“ обновување и соработка во рамките на процесот 17 + 1 во контекст на темата за 2021 година, како година на соработка на НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа за зелен развој и заштита на животната средина.
Премиерот Заев ги информираше шефовите на држави и влади на Самитот за имплементација на Стратегија за енергетска транзиција на Република Северна Македонија во следните пет години со инвестиции во обновливи извори на енергија до 2030 година за одржлива иднина на овој план.
Претседателот на Владата Заев во завршницата на своето обраќање рече дека Република Северна Македонија останува активен учесник во иницијативата со најдобрите искуства од досегашните активности во бројните настани, како и од четвртиот Форум на министри за култура на Народна Република Кина и земјите од ЦИЕ, одржан во ноември 2019 година, кој во рамките на иницијативата 17+1 беше одржан во Скопје.
Заблагодарувајќи се за учеството на Самитот на Кина и земјите од Централна и Источна Европа 17+1, премиерот Заев на претседателот Си Џинпинг и на народот на Народна Република Кина им ја честиташе кинеската лунарна нова година, која започнува на 12 февруари.